Бразилската фудбалска ѕвезда Нејмар по пауза од една година, повторно се врати на тренинг. Нејмар имаше повреда на коленото заработена на дуел на бразилската репрезентација, па поради тоа ја пропушти речиси цела сезона во дресот на Ал-Хилал.
Нејмар за Ал-Хилал потпиша минатото лето, а одигра само пет натпревари. Сега се очекува за брзо време да се појави на теренот и повторно да биде во дресот на Ал-Хилал. Сепак, некои најави се дека за брзо време ќе заврши авантурата на Нејмар во Саудиска Арабија и веќе се зборува за негово враќање во Европа.
Каталонскиот весник Спорт најавува дека Барселона сака да донесе суперѕвезда за следната сезона, кога се очекува и враќање на екипата на „Камп ноу“. Моментално стадионот кој е дом на каталонскиот гигант се реновира.
„Жоан Лапорта сака да донесе суперѕвезда за враќањето на екипата на „Камп ноу“, а тоа е следната сезона. Ерлинг Халанд е голема желба, но Нејмар е друга опција. Нејмар би можело да се врати на „Камп ноу“ во 2025 година. Тогаш му истекува договорот со Ал-Хилал и може повторно да заигра во Барселона, па ќе има време да се подготви за настап на СП 2026 година“, пишува Спорт.
Нејмар во дресот на Барселона одигра 186 натпревари, во кои постигна 105 гола и 76 асистенции. Потоа замина во Пари Сен Жермен за трансфер вреден 222 милиони евра.