Во дуелот против Лил од рамките на 14-тото коло во Лига 1, Нејмар за првпат по пауза од еден месец ќе го облече дресот на ПСЖ, откако закрепнуваше од повреда. Но, наместо најскапиот светски фудбалер да се подготвува за мечот, тој вчера заминал за Мадрид да следи еден од натпреварите во интренационалниот тениски турнир Дејвис куп.
На денешната прес-конференција новинарите не пропуштија да го прашаат тренерот Томас Тухел што мисли околу потегот на Нејмар, а тој ладнокрвно им одговори.
„Секако дека не ми се допаѓа што отпатува за Мадрид знаејќи дека има обврски со клубот. Но, јас не сум му татко, ниту пак сум полицаец да му кажувам што треба, а што не треба да прави. Дали треба да се нервирам за овие работи? Нормално дека не, нема потреба да си ја губам главата поради некои поединци“, истакна Тухел.
Дуелот меѓу францускиот првак и вицепрвак е закажан за утре, во 20:45 часот. ПСЖ по 13 кола, е на врвот со 30 бода. Лил има 11 бода помалку и стои на петтата позиција на табелата во Лига 1.