Нејмар по 12 години пак заигра за Сантос, во првиот допир со топката беше удрен на најнезгодното место (Видео)

Како тинејџер пред повеќе од една деценија, Нејмар се појави во дресот на бразилскиот Сантос и покажа дека се работи за вонсериски талент. Уште тогаш беше јасно дека брзо ќе си замине од матичниот клуб. Замина во Барселона, каде што се промовираше во еден од најдобрите фудбалери.

Потоа го направи најскапиот трансфер во историјата на фудбалот кога замина во Пари Сен Жермен, а од францускиот тим се пресели во Ал-Хилал за да добива 150 милиони евра годишно. По неславната авантура во Саудиска Арабија, Нејмар пред неколку дена реши повторно да се врати во Сантос, а ноќеска за првпат по 12 години повторно беше на теренот во дресот на тимот од неговото детство.

„Го сакам Сантос. Не можам да опишам како се чувствувам вечерва, кога повторно зачекорив на теренот. Потребни ми се повеќе минути и натпревари. Не сум 100 отсто подготвен. Не очекував дека на овој меч толку многу ќе трчам и ќе дриблам. Верувам дека многу подобро ќе се чувствувам за четири-пет натпревари“, рече Нејмар по ремито 1:1 во дуелот со Ботафого.

Сантос беше голем фаворит пред мечот и водеше со 1:0 на полувреме. Нејмар во игра влезе на почетокот на вториот дел, а сефтето му беше неочекувано. Само по 50 секунди поминати на теренот, во обид да освои една топка, Нејмар беше удрен директно во меѓуножјето и тоа фактички беше неговиот прв допир со топакта по 12 години враќање во Сантос.

Гостите постигнаа гол и израмнија на 1:1 во 67-мата минута, а иако Ботафого остана со играч помалку од 71 минута, Сантос и Нејмар не успеаја да постигнат гол за победа, па мораа да се задоволат само со еден освоен бод во дуел со тимот кој е последнопласиран на табелата во бразилското првенство.

- Оглас -

Најнови вести