Бразилската фудбалска ѕвезда Нејмар кон крајот на јануари се врати во татковината и потпиша за Сантос, откако имаше неуспешна авантура во Ал-Хилал од Саудиска Арабија. Сепак, само по седум натпревари, Нејмар се повреди и сè уште е надвор од терените.
Тој се најде и на списокот за настап за репрезентацијата на Бразил, но мораше да го пропушти собирот, а не беше дел ниту од натпреварите на Сантос пред паузата. Повредата на мускулот го мачи речиси цел месец, а очекувањата беа дека тој ќе се врати за стартот од бразилското првенство кое започнува во понеделник.
Сепак, последните информации се дека тој нема да биде подготвен за настап и ќе мора да почека за враќањето на фудбалските терени. На седумте натпревари по враќањето во Сантос, Нејмар постигна три гола.