Нејмар, сепак, има шанси да заигра на Светското првенство

Карло Анчелоти ја остави отворена вратата за можен камбек на Нејмар во составот на Бразил за претстојното Светско првенство, иако напаѓачот засега не доби повик за последните пријателски натпревари.

И покрај тоа што Анчелоти претходно нагласуваше дека Нејмар ќе биде во конкуренција само ако биде целосно фит, ѕвездата на Сантос не се најде на списокот за дуелите со Франција и Хрватска.

Нејмар, најдобар стрелец во историјата на Бразил со 79 гола, не настапува за националниот тим од тешката повреда на коленото во октомври 2023 година, а по враќањето во Сантос сè уште се обидува да ја врати врвната форма.

По поразот од Франција во Бостон, дел од навивачите го скандираа неговото име, но Анчелоти тогаш порача дека фокусот треба да остане на играчите кои се моментно во составот.

Сега, сепак, италијанскиот стратег остава простор за промена, нагласувајќи дека следните два месеци ќе бидат клучни за конечната одлука.

„Тој е голем талент и нормално е луѓето да мислат дека може да ни помогне на Светското првенство. Сѐ уште е под анализа од Фудбалската конфедерација на Бразил и од мене. Има време да покаже дека е подготвен. По повредата се враќа добро, постигнува голови, но мора да ја подобри физичката подготвеност“, истакна Анчелоти.

Бразил ќе настапи во групата Ц заедно со Мароко, Хаити и Шкотска, а турнирот ќе го започне на 13 јуни во САД.

- Оглас -

Најнови вести