Статусот и иднината на Нејмар како фудбалер на ПСЖ се една од најголемите мистерии летово бидејќи многу различни работи се случуваат. Откако кажуваше дека сака да си оди и да се врати во Барселона, сега за Нејмар добро би било да направи трансфер во Јувентус, па по Лионел Меси и Килијан Мбапе, да заигра и со Кристијано Роналдо.
Но, колку е искрен Нејмар? Тој вчера објави фотографија со Мбапе, двајцата расположени и насмеани и делува дека сè е во ред. Нејмар во вторник со екипата на ПСЖ ќе замине на маркетиншки важната турнеја во Азија. И додека тој јавно прикажува верност кон клубот со кој има договор, зад грб работи на трансфер.
Од ПСЖ бараат многу пари кои Барса не може да ги плати, па Нејмар бара други начини да се раздели со париските Светци, макар и да не е во Каталонија. Неговиот татко веќе им го понудил Нејмар на Реал Мадрид, Јувентус, Баерн и Манчестер јунајтед. Од овие четири гиганти, само Јуве „загриза“, па почнаа преговори на Старата дама со Бразилецот. Сепак, дали клубот од Торино ќе сака да плати над 200 милиони, останува големо прашање.
И од Барса не се откажуваат, познавајќи го фудбалерот кој преклани го продадоа за 222 милиони евра, уште веруваат дека тој на крај, сепак ќе заврши кај нив, и дека ова со Јуве е само уште еден трик и глума.