Нејмар уште долго време ќе го нема на терените

Капитенот на бразилската репрезнетација, Нејмар, не само што ќе го пропушти настапот на Копа Америка, која започнува за 15-тина дена, туку ќе биде надвор од терените уште неколку месеци.

Нејмар се повреди на 17 октомври, на дуелот против Уругвај во квалификациите за пласман на Светското првенство во 2026 година, а потоа во ноември му беше направена и операција, која траеше четири часа.

Бразилецот пред неполна година направи трансфер кога од ПСЖ замина во Саудиска Арабија во дресот на Ал-Хилал. Според тој договор, заработува 100 милиони евра по сезона, а за новиот клуб одигра само пет меча, во кои постигна еден гол, а имаше и три асистенции. Ал-Хилал на крајот од сезоната стигна до нова титула во првенството, четврта во последните пет години во Саудиска Арабија.

„Сè што знам во овој момент е дека е потребно време за закрепнување на Нејмар. Ваквиот вид повреди бараат рехабилитација која трае 10 до 11 месеци. Ако така пресметаме, тоа значи дека Нејмар нема да биде подготвен ниту за почетокот на новата сезона во Саудиска Арабија“, рече 69-годишниот португалски стратег Жорж Жесус, кој е тренер на Ал-Хилал.

- Оглас -

Најнови вести