Кон крајот на април, кога Нејмар му беше верен член на ПСЖ, а Еден Азар го носеше дресот на Челзи, Бразилецот во интервју кажа дека би сакал да заигра во иста екипа со Белгиецот. Доколку има вистина во шпекулациите кои се шират деновиве, Нејмар би можел да игра заедно со Азар, во Реал Мадрид.
На Реал му треба десно крило, бидејќи после повредата на Марко Асенсио, останаа со Лукас Васкес и Винисиус кои не им ги задоволуваат апетитите, па можеби ќе го донесат Нејмар, кој не е омилен кај фановите и кај тренерот Зидан, но омилен е кај претседателот Флорентино Перес. Нејмар сака да си оди од ПСЖ, а парискиот клуб не сака да го продаде во Барселона, би го испратила на друго место, макар и со попуст.
Откако почна да се зборува дека Нејмар може да ја зголеми бразилската колонија во Реал, медиумите се потсетија на изјавата од април.
„Би сакал да играм со Азар. Тој е играч поразличен од другите, и има стил на игра сличен на мојот“ – рече тогаш Нејмар.
Нејмар како дете беше во Реал Мадрид, и во академијата играше во иста екипа со актуелниот десен бек Даниел Карвахал. Од друга страна, Азар кажа дека во Реал сака да носи дрес со бројот 10, но тој е зафатен од Хрватот Лука Модриќ, кој можеби ќе замине во ПСЖ како дел од трансферот со кој Нејмар во преминал во 13-кратниот европски првак. Ако си оди Модриќ, десетката му е слободна на Азар кој синоќа го даде првиот гол во дресот на мадридскиот гигант, а Модриќ не настапи поради некаква сомнителна повреда.