Нека дојде кој сака, Македонија не се плаши од никого на „Тодор Проески“

Македонија одигра 1:1 против фаворизираната Белгија на арената „Тодор Проески“ во Скопје и ја продолжи низата која трае две години, а тоа е да немаме пораз на домашен терен.

Белгија беше голем фаворит, водеше со 1:0, но на крајот гостите може да се и задоволни што си заминаа со освоен еден бод. Македонија во првото полувреме имаше две стативи во една акција и тоа беа големи шанси за погодок кој во тој момент ќе беше за водство.

Подоцна Белгија даде гол, но Македонија во второто полувреме прво постигна погодок кој беше поништен со ВАР системот, а потоа Џани Алиоски со феноменален погодок израмни на 1:1.

Ова е четврти пат во последниве две години Македонија на Арената „Тодор Проески“ да одигра со резултат 1:1. Сите четири меча беа против ривали кои важеа за фаворити против Македонија. Нерешено одигравме против некогашните светски прваци Италија и Англија, потоа во последните моменти испуштивме победа над Велс, кој израмни на 1:1 во 96 минута. Синоќа и Белгија мораше да се задоволи со реми 1:1.

Покрај овие четири реми, Македонија во овој период од две години има и четири победи што само потврдува дека Арената Тодор Проески полека станува неосвојлива тврдина за ривалите.

- Оглас -

Најнови вести