Нека му ја мисли Естонија: Јуниорите со „пет од пет“ до нокаут-фазата

Кошаркарските јуниори на Македонија ја запишаа петтата последователна победа во групите во Дивизијата Б од Европското првенство за играчи до 18 години. За перфектниот учинок во досегашниот дел, Македонците ја надиграа селекцијата на Данска со конечни 80:73, триумф со кој само го потврдија учеството во нокаут-рундата, односно првото место во групата Б.

Нашите репрезентативци со убедлива предност од +15 влегоа во последните 10 минути од средбата, а притисокот на Данците не беше доволен за да го спречат налетот на македонската селекција.

Со 27 поени и 8 скока, Марко Миловановиќ беше најефикасен во нашиот состав, а двоцифрени со 12, односно 11 поени беа Зекири и Златевски. Педерсен со 19 поени се издвои како најдобар поединец од кај Данците.

Во првата рунда од нокаут-фазата Македонија ќе се сретне со репрезентацијата на Естонија. Покрај нашите претставници, Израел е единствена селекција која засега е без пораз на континенталниот собир за кошаркари до 18 години.

- Оглас -

Најнови вести