Нека победи најдобриот во тридневниот празник на кошарката

Сите знаат дека Купот е специфично натпреварување во кое не победуваат секогаш фаворитите, добар ден на некој аутсјдер, или лош на фаворитот, може да донесат неочекуван расплет, и затоа тренерите и капитените на екипите кои ќе се борат за трофејот во кошаркарскиот Куп на Македонија за мажи, кој се игра од 15 до 17 февруари во Гевгелија, се претпазливи и говорат само за четвртфинале, а не гледаат подалеку.

Блокотехна на хартија има полесен пат до финалето, бидејќи ќе ги избегне скопските ривали, но нема да го потцени АВ Охрид.

„Гевгелија е кошаркарски град, верувам дека и овој Куп ќе биде организиран на високо ниво. Нашите очекувања за четвртфиналето е дека без разлика на местоположбата на табелата, одиме со ист пристап против секого. Би сакале да се најдеме во финале, па и да го освоиме трофејот. И јас не би имал против гевгелиско дерби“ – рече тренерот Марјан Илиевски.

Од охридскиот тим немаше претставник на прес-конференцијата во Негорски бањи.

Потоа следува дуел на Работнички со Куманово. И кумановци не се појавија на пресот.

Помошниот тренер на Работнички, Игор Михајловски, кој е екс тренер на Куманово, вели дека скопските „црвено-бели“ не се фаворити во Купот, но ќе го дадат максимумот.

„После мечот со нив во првенството, можам да кажам дека се незгодни, фајтерска екипа, спој на искуство и младост. Овој меч е на неутрален терен, давам 50-50 шанси за влез во полуфинале. Работнички има проблем со повреди, Николовски нема да настапи, Чековски се враќа по долго отсуство. Не сме фаворити, но како првак на Македонија, Работнички има обврска кон управата и фановите да даде максимум“ – рече Михајловски.

Кожув го пречекува МЗТ Скопје во уште едно дерби во петок.

Ѓорѓи Кочов: „Ние како МЗТ мора да дадеме максимум за да го одбраниме купот, а дали ќе успееме, ќе видиме на крај, јас се надевам дека ќе биде така. Сите екипи се засилени, очекувам добра кошарка, нека победи најдобриот. Да се стигне до евентуално полуфинале со Работнички, треба прво да го поминеме домашниот Кожув, и затоа не мислиме на полуфиналето. Не жалиме што би се сретнале со градскиот ривал во полуфинаале, а не во финале. Ако сакаш да освоиш куп, треба секого да победиш“.

Новиот тренер  на Кожув, Александар Јончевски, го има водено МЗТ и тоа во сезоната кога „штрковите“ го освоија Купот во салата во Гевгелија.

„Верувам дека Купот ќе биде одлично организизран, видовме дека публиката беше одлична. Четвртфиналето со МЗТ е мерило дали добро сме се воиграле и дали сме направиле добри потези со носењето играчи. МЗТ има одлична сезона во АБА 2, дома исто има убава серија, но знаат и да потфрлат. Се надевам дека ќе осцилираат против нас, а ние ќе одиграме најдобро што можеме. Верувам дека ќе приредиме изненадување“ – рече Јончевски.

Фени и Гостивар се можни противници на Блокотехна во полуфиналето.

Марјан Србиноски од Гостивар смета дека Фени е компактна екипа, која игра добро, и им претстои тежок меч.

„Се засиливме, но не сме во ритам, треба да се воиграме. Се надевам дека сепак ќе бидеме подготвени за Купот“ – додаде Србиноски.

Љупчо Малинков мисли дека на Ф8 во Куп, првиот меч е најтежок и мора добро да се подготват.

„Се надевам дека тактички и психички ќе се подготвиме. Секогаш имало изненадувања, верувам дека може да изненадиме. Имаме млада екипа, не е компактна, но психички добро ќе се спремиме и ќе останеме уште некој ден во Гевгелија“ – оптимист е Малинков.

 

- Оглас -

Најнови вести