Нека тргне годината со песна и добивка, хуманитарен тикет од македонскиот Том Џонс и фан на Реал

Првиот хуманитарен тикет за 2025 година е од човек кој кога ќе го слушнете како пее, и без да го гледате, нема шанса да го утнете, јасно ви е дека тоа е Ѓоко Ѓорчев.

Ѓорчев, кој е познат како македонскиот Том Џонс, ужива во својот прекар.

„Мене Том Џонс ми е музички идол. Човекот сега има 84 години, а уште прави по 40 концерти годишно. Според мене, ако некого го служи гласот и физички е во форма, нема зошто да престане да пее. Ние не сме како фудбалерите, кои имаат, така да кажам, рок на траење“, вели Ѓорчев.

Ѓоко е роден во Неготино пред 69 години, а периодов е презафатен со настапи по клубови и ресторани.

„Не застанав, секој втор ден имам настапи. Се изненадувам што повеќе се бара забавна музика, младите знаат песни на Мишо Ковач, Киќо Слабинац, Про Арте, ги почитуваат тие песни кои се многу постари од нив. За дочекот на Новата година на полноќ бев дома и одморав, но на 31 декември дента до 17 часот пеев во Ла Страда во Прилеп. И цел јануари ќе бидам зафатен, за Стара нова година сум во ресторан Сино во Кавадарци. Лани имав многу убав настап во Скопје, во очи на Новата година во Аеродром кај авиончето, заедно бевме со Куку Леле на отворено, беше многу убаво, полно и ете тој настап ми остана во сеќавање од новогодишните“, раскажува Ѓорчев.

ПРОЛЕТЕН КОНЦЕРТ ВО СКОПЈЕ ЗА ОДБЕЛЕЖУВАЊЕ НА 35 ГОДИНИ КАРИЕРА

На настапите во последно време настапува заедно со Сашо Ѓоргиев, клавијатуристот на познатата група „Нели ти реков“, која веќе не постои, и пејачката Катерина Танева, која исто така беше дел од таа група.

„На настапите по клубови и ресторани сите правиме исто, имаме човек на клавијатури, користиме матрици. Комплетен бенд се користи само на концерти, како оној што го имав во 2018 година. Јас пеам од многу одамна, од најрани детски денови, до 35 години си пеев аматерски, се бавев со угостителство, но по една случајна средба со композиторот Григор Копров, почнав професионално. Учествував и освојував награди на фестивали, имам 8 студиски албуми, двапати ме прогласуваа за најдобар пејач во Македонија на церемонијата 12 величествени. Сум бил и на многу фестивали во бивша Југославија, но и во многу други земји, сум пеел во Њујорк, на Славјански базар во Украина, би го истакнал и настапот на Црвениот плоштад во Москва со најголемите светски ѕвезди како Павароти, Жан Мишел Жар, тоа беше огромен концерт по повод 850 години од постоењето на градот Москва. Уште сум активен, снимам дуети со женски вокали, направив и обработки на стари традиционални песни. Сепак, јас сум поп-пејач, најмногу сакам да пеам шлагери, евергрини. Напролет спремам концерт во Скопје, во Филхармонија, да одбележам 35 години кариера“, вели Ѓорчев.

НАВИВАЊЕТО ЗА РЕАЛ МАДРИД КАКО СЕМЕЈНА ТРАДИЦИЈА

Од спортови, Ѓорчев најмногу обожува фудбал и Формула 1. Омилени фудбалски тимови му се Реал Мадрид и Црвена ѕвезда, а во Ф1 е фан на Луис Хамилтон од сегашните и на Ален Прост од поранешните пилоти.

„Болен сум по Реал Мадрид. Мојот татко беше огромен фан на Реал, од татко ми ја презедов таа љубов кон Кралскиот клуб, дури и кога сум на настапи, а во исто време игра Реал, барам начин како да го гледам натпреварот. Од дете сум за Реал, редовно го следам. Досега не сум бил во Мадрид, тоа ми е голема желба и ќе го направам тоа кога ќе бидам послободен. Не мора да биде Ел Класико, на ‘Бернабеу’ би гледал ако треба меч и со Осасуна или со кој било противник, сакам да отидам и да видам какво е чувството. Фан сум и на Црвена ѕвезда од Белград. Татко ми беше претседател на навивачите на Ѕвезда во Неготино. Драго ми е што клубот игра во ЛШ, сепак и тоа е успех“, ни откри големиот фан на Кралскиот клуб.

„Во Формула 1 мој омилен возач е Луис Хамилтон, а пред него Прост, многу го почитував Французинот, чесен беше. Со Сена беа големи ривали, и Сена беше еден од најголемите, но беше фајтер, друг тип, нешто како Шумахер. Прост беше интелигентен, и Хамилтон исто. Не сака намерно да направи судир за да победи на нечесен начин, како што тоа го прави, на пример, Ферстапен. Јас го сакам тимот на Мерцедес, но ќе продолжам да навивам за Хамилтон, кој отиде во Ферари. Мислам дека ќе ја освои осмата титула и ќе се пензионира како најуспешен во историјата. Верувам дека ќе му спремат добар болид и ќе стане шампион“, посакува Ѓорчев.

Што се однесува до обложувањето, да, но само за забава.

„Понекогаш знам да уплатам тикет онака, за забава. Ќе ставам 100 денари да ми биде поинтересно, релаксирачки. Не играм за да живеам од тоа, не бркам големи добивки. Некои луѓе уплаќаат поголеми суми, кај мене го нема тоа. Убава е вашата акција со хуманитарниот тикет, со задоволство го составив, се надевам ќе биде добитен и ќе донирам пари каде што треба“, заклучува македонскиот Том Џонс, кој состави тикет со реално остварливи прогнози.

- Оглас -

Најнови вести