Некогаш беше соиграч на Роналдо, а сега е еден од најпознатите млекари во Англија

Кристијано Роналдо речиси две децении е во врвот на светскиот фудбал. Играјќи за Спортинг, Манчестер јунајтед, Реал Мадрид, Јувентус и сега повторно за Црвените ѓаволи, повеќе генерации на фудбалери поминале што биле рамо до рамо со Роналдо.

Еден од оние анонимуси кои имале можност да бидат во друштво на Роналдо е Ричард Екерслеј. Тој е некогашен фудбалер на Манчестер јунајтед во сезоната 2008/09, последна во која играше и Роналдо пред да замине во Реал Мадрид.

Екерслеј играл како бек, а во Премиер лигата одигра два меча, плус уште два во Лига купот за Манчестер јунајтед.

Потоа Екерслеј замина од Манчестер, играше за неколку екипи во пониските лиги, а во 2015 година ја заврши кариерата во тимот на Олдам. Се повреди на мечот против Донкастер и веќе не заигра фудбал.

„Олдам немаше ни пари, ни амбиции. Се враќав од свадба, ми се роди дете и реков дека сакам да се повлечам од фудбалот. Тоа беше олеснување за мене. Имав заработено доволно пари за да живеам до година дена“, вели Екерслеј кој решил да направи целосна промена во животот.

Некогашниот фудбалер се преселил во местото Тотнес и започнал биснис со производство на млеко.

„Имав своја куќа, двор и сами си се снабдувавме со храна. Тоа е место без улици. Се работи за заедница од 40-тина луѓе. Сите сме вегетаријанци и сè е природно 100 отсто. Произведуваме околу 25.000 литри млеко на месечно ниво. Имаме 22-ца вработени и сакаме да станеме најголеми дистрибутери на млеко во Англија. Можеби еден ден и Манчестер јунајтед ќе се снабдува со млеко од кај нас. Никогаш не се знае“, вели некогашниот фудбалер, а сега млекарот Ричард.

Запрашан за тоа дали жали што не останал фудбалер, 32-годишниот Ричард вели дека никогаш не би сакал да се смени со Роналдо.

„Кога Роналдо се врати во Манчестер, се присетив на деновите кога игравме заедно. Јас сега сум млекар, а тој уште игра фудбал. Тоа е лудо. Ние сега сме два различни света. Никогаш не би се менувал со него. Многу сум среќен затоа што самиот си управувам со мојата судбина“, додаде некогашниот фудбалер на Манчестер јунајтед.

 

- Оглас -

Најнови вести