Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ од денеска повторно е на позицијата број 1 на АТП-листата. Популарниот Ноле се врати на лидерското место во светскиот поредок, откако вчера го одбрани трофејот на Отвореното првенство на Австралија. Ѓоковиќ со 3:2 во сетови го победи Доминик Тим и стигна до осмиот трофеј на овој Гренд слем, со што само потврди дека најмногу му одговараат терените во Мелбурн.
За Ѓоковиќ ова е вкупно 17-ти Гренд слем трофеј и ја продолжува брканицата со Рафаел Надал и Роџер Федерер, кои се пред него со повеќе такви одличја. По освојувањето на Отвореното првенство на Австралија, Ѓоковиќ реши емотивно да се отвори и да објасни што го направило да е толку силен на теренот.
„Моето растење во Србија во 90-тите години беше многу тешко. Имаше војна, ембарго… Моравме да чекаме во ред за да добиеме леб, вода, млеко и некои други основни продукти. Ваквите работи ве прават посилни и гладни за успех. Тоа веројатно беше и мојата основа. Буквално сè сам постигнав во едни толку тешки околности за живот. Единствено помош имав од моето семејство. Кога ќе се присетам на минатото, ќе се присетам од каде сум, тоа секогаш ме мотивира да бидам уште посилен“, рече Ѓоковиќ.