Една спорна ситуација на синоќешниот натпревар помеѓу Еибар и Реал Мадрид донесе многу контроверзии, а освен домашната екипа, која смета дека е оштетена, секако се јавија и лица и медиуми блиски на Барселона за кои секоја победа на Реал е трагедија, па бараат начин како да ја оспорат.
Во 82-рата минута, Муто ја удри топката со глава и таа го погоди Серхио Рамос во лактот. Домашните веднаш побараа да се прегледа снимка. На повторената снимка се виде дека топката удри во лактот на капитенот на Реал, но од ВАР-собата проценија дека положбата на раката е природна и не советуваа да се покаже на белата точка. Тоа се случи при резултат 2-1 за Реал, со евентуален гол од пенал малиот баскиски клуб можеше да изедначи на 2-2 на десетина минути до крајот.
Пенал немаше, а реакциите беа бројни. И некои поранешни судии сметаа дека требало да се досуди пенал.
Бекот на Реал Мадрид, Даниел Карвахал, рече дека ни играчите не знаат точно кога е пенал, а кога не. Потсети дека за ваква речиси иста ситуација, против Реал беше досуден пенал на мечот со Алавес. Тогаш топката го удри Начо во рака.
„Не знаеме точно и јасно кога се свири пенал за играње со рака. На Начо му досудија пенал против Алавес, а имаше ситуација кога за истото не досудија пенал за нас против Билбао. Ако топката го удри Рамос во рака, сега не се досуди пенал. Критериумите треба да бидат појасни бидејќи вака има нејаснотии и ќе има многу протести“, изјави Карвахал.