Фановите се сеќаваат на мајсториите што Жерар Делофеу ги прикажуваше на фудбалските терени во дресовите на Барселона, Милан и на Евертон. Сепак, веќе долго време го нема на теренот, а сега во интервју откри дека се наоѓа на работ на траен инвалидитет.
Последниот натпревар го одигра уште во јануари 2023 година, а веќе две и пол години се бори со сериозна повреда на коленото. Шпанецот на почетокот на годинава го раскина договорот со Удинезе, а имаше и операција по која веќе не можеше да се врати на теренот.
„Ова е многу повеќе од повреда, се наоѓам на работ на трајна инвалидност. Како да имам протеза во коленото. Неможноста да направам чекор, бидејќи коска се судира со коска, е многу сериозна работа. Се борам против биологијата, но и против својата глава. Веќе две и пол години се бориме, имам среќа што мојот тим, претседателот и колегите од Удинезе секогаш беа покрај мене“, изјави Шпанецот.
Делофеу вели дека сè уште не ја завршил кариерата, бидејќи се надева на чудо и враќање на теренот.
„Ќе биде многу тешко, но сакам да запишам историја. Мислам дека можам да станам играч кој бил најдолго отсутен од теренот, но сепак успеал да се врати. Тоа би бил величествен рекорд за мене. Се молам за чудо, а сакам да го направам тоа за моето семејство и за децата. Родени се знаејќи дека сум фудбалер, но сакам сега да ме видат на теренот кога ќе пораснат малку“, додаде Делофеу.