Откако моментно најдобриот светски тенисер, Италијанецот Јаник Синер, доби тримесечна забрана за настап поради допинг-тест, критичарите од остатокот од тенискиот свет продолжуваат со реакции, сметајќи дека ова е јасен пример за фаворизирање.
Синер ќе одлежи тримесечна суспензија од 9 февруари до 4 мај 2025 година. Поради тоа Италијанецот ќе ги пропушти Мастерсите 1000 во Индијан Велс и Мајами во март и априлските мастерси со Монте Карло и Мадрид, но ќе може да игра на гранслемот „Ролан Гарос“, кој започнува на 25 мај.
Поранешниот светски рекет број 1 и олимписки првак од 2000 година, Евгениј Кафелников, на социјалните мрежи објави:
„Никогаш нема да дознаеме кој го иницирал договорот. Едноставно, не го разбирам тоа! Ако сте апсолутно 100% сигурни во вашата невиност, зошто прифативте забрана од три месеци? За мене тоа нема смисла“, порача Русинот.
Слично мислење имаат и останатите, ако е виновен Синер, требаше да добие суспензија од две или четири години, а ако не е виновен, тогаш воопшто не треба да му се забрани да игра.
Во друга објава Кафелников ги повика тенисерите да ги бојкотираат натпреварите против Синер.
„По последните настани, би го направил следново (под претпоставка дека сè уште играм). Секогаш кога ќе треба да играм против Синер на турнир, не излегувам на теренот, без разлика дали тоа е прво коло или финале. Но, се плашам дека никој нема да направи такво нешто“.