Некогашниот двократен финалист во КЕШ чекаше 57 години за да се врати во европските купови

Некогашниот француски гигант, Ремс најмногу се израдува на победата на ПСЖ во финалето на Купот против Олимпик Лион. Со триумфот на Светците, Ремс автоматски доби место за настап во Лигата на Европа. Тоа ќе биде прв европски настап за Ремс по пауза од 57 години. Местото во европските купови, тимот го заработи благодарение на шестото место во првенството кое беше прекинато поради пандемијата со Коронавирусот.

Последниот меч на Ремс во европски рамки е од 13 март 1963 година кога загуби во четвртфиналето од Купот на европските шампиони (КЕШ) од Феенорд. Пред 60-тина години, Ремс беше доминантен клуб во Франција и има шест титули во првенството (1949, 1953, 1955, 1958, 1960 и 1962 година). Освен првенството, клубот има и две титули во Купот и четири пехари во Суперкупот на Франција.

Ремс два пати играл и во финалето на КЕШ (сегашната Лига на шампиони), но во двете финалиња загуби од Реал Мадрид. Тимот сега ја нема силата од минатото, но барем успеа по дури 57 години да се избори за настап во Европа.

 

 

- Оглас -

Најнови вести