Исо Канјенда е некогашен репрезентативец на Малави, кој испрати тешки обвиненија на сметка на некогашниот селектор на Србија, Славољуб Муслин. Фудбалерот вели дека целата ситуација се случила во времето кога тој дошол да игра за Локомотив Москва.
„Муслин ми рече: ‘Ако сакаш да играш за Локомотив, ќе мора да платиш. Секој месец ќе ми плаќаш по 2.500 евра.’ Веднаш го одбив. Не можев така да играм. Му реков дека ако треба, веднаш ќе се вратам во Ростов. Во Локомотив платите беа големи, но не ни можев многу да заработам бидејќи таму останав само шест месеци“, тврди Исо.
На овие обвинувања веднаш реагираше Муслин.
„Во животот го немам видено тој фудбалер. Заработував 100.000 долари месечно во Локомотив. Зошто од некого би барал 2.500 евра месечно?“, вели Муслин.
Српскиот стратег беше на чело на Локомотив во периодот од декември 2005 година до октомври 2006 година.
Канјенда потпиша со Локомотив во јуни 2005 година, а една година подоцна замина на позајмица во Ростов. Во декември 2006 година се врати во клубот, а во јануари 2007 повторно замина за Ростов. Овој играч одигра вкупно три меча за Локомотив и тоа не беше под водство на Муслин.