Некогашниот водач на Делиите открива: Сакавме да му ги скршиме нозете на Дражен Петровиќ, реагираше братот на кошаркарскиот Моцарт

Зоран Тимиќ-Тима е името на човекот кој во осумдесетите и деведесетите години на минатиот век беше познат како водач на навивачите на Црвена ѕвезда, популарните Делии. Тима одлучи низ серијалот „Ултрас, приказните на Тима“ да ги раскаже сите најинтересни настани и анегдоти кои се случувале во тоа време.

Во првата епизода од серијалот, Тима открива дека имале суров план за тоа како да го неутрализираат тогашниот најдобар кошаркар во поранешна Југославија, но и еден од најдобрите на сите времиња, Дражен Петровиќ.

„Петровиќ тогаш беше најдобар играч на Цибона, тим против кого Црвена ѕвезда се мачеше да победи. Затоа сакавме да го неутрализираме. Прво сакавме да го заплашиме и му се заканувавме. Потоа решивме да го претепаме. Како што поминуваше времето, идејата се радикализираше. Дојдовме до идеја да земеме бејзбол палки и да му ги искршиме нозете и тоа да биде пред некој важен меч против Црвена ѕвезда. Неколку дена го следевме во Загреб. Беше многу потешко од сега затоа што тогаш немаше мобилни телефони. Сепак, успеавме да му ја откриеме рутината што ја прави секој ден. Каде оди по тренинг, во кој кафетерии седи. Сепак, проблем беше тоа што никогаш не беше сам. Или имаше некоја девојка со него или друштво. Се вративме во Белград и се договоривме планот да го реализираме пред клучниот меч со Цибона во таа сезона. Сепак, Црвена ѕвезда загуби во полуфиналето и воопшто немаше дуел со Цибона и немаше потреба од реализација на планот“, раскажа Тима.

По целата оваа приказна за тоа што било планирано, преку социјалните мрежи со реакција се јави и братот на Дражен, Ацо Петровиќ, кој едноставно истакна дека не верува во оваа приказна.

„Дали поверував во оваа приказна? Апсолутно не, премногу ми изгледа како научна фантастика“, е реакцијата на Ацо Петровиќ.

- Оглас -

Најнови вести