Некојпат треба да се „изоди и најдолгиот пат“ за да се стигне до Светско првенство (Видео)

Македонската фудбалска репрезентација е во Астана, главниот град на Казахстан. Иако се работи за земја која е во централниот дел на Азија, македонската експедиција е дојдена на меч од европските квалификации за пласман на Светското првенство во 2026 година.

Долго, најдолго беше патувањето до Астана. Речиси шест часа траеше летот од Скопје до Астана. Никогаш претходно толку долг пат немала нашата репрезентација кога се работи за дуел од квалификации за ЕП или СП.

Освен тоа што летот траеше речиси шест часа, кога пристигнавме во Астана веќе беше полноќ и тоа затоа што Казахстан, според временските зони е три часа понапред со времето од Македонија.

И покрај долгиот пат, атмосферата меѓу репрезентативците, стручниот штаб и сите во експедицијата е одлична. Сите веруваат дека Македонија може победнички да се врати од ова гостување и да се задржат реалните шанси во борба за место кое води на завршницата на Мундијалот кој следната година ќе се игра во САД, Канада и Мексико.

Против Казахстан имаме одиграно еден меч досега и тоа во 2021 година од пријателски карактер. На арената „Тодор Проески“ во Скопје, Македонија победи убедливо со 4:0. Без разлика колку и да делува убедлива таа победа, сега играме на гости, се работи за меч од квалификациски карактер и сигурно дека и Казахстан ќе сака да „откине“ некој бод.

Како изгледаше патувањето на македонската експедиција од Скопје до Астана може да видите ТУКА.

 

 

- Оглас -

Најнови вести