Репрезентацијата на Косово, која е противник на Македонија во полуфиналето од плејофот во Лига Д од Лигата на нациите има низа од десет натпревари по ред без пораз. Иако сите овие десет меча се од пријателски карактер или од Лигата на нациите, каде што нашите соседи немаа противници од европскиот врв или просек, сепак, тоа е резултат за почит. Само пет репрезентации во светот во моментов имаат серија од 10 меча без пораз.
Последниот пораз на Косово е на деветти октомври минатата година, кога загубија од Исланд со 0-2 во завршното коло од квалификациите за СП 2018. Но, од 13-ти ноември 2017, кога ја победија Летонија со 4-3, Косовците имаат осум победи и две нерешени. Во пријателски ги совладаа уште Мадагаскар, Буркина Фасо и соседна Албанија.
Потоа, во својата група од Лигата на нациите, против Малта, Азербејџан и Фарски Острови,дадоа 15 гола, со што се најефикасен тим во Лига Д.
Македонија ќе му биде домаќин на Косово во полуфиналето на Лига Д, меч кој ќе се игра во март 2020 година. Дотогаш има време, но сигурно е дека задачата на тимот на Игор Ангеловски нема да биде лесна и рутинска, туку ќе мора да се даде максимум.