Јиржи Брзечек може конечно да здивне бидејќи забележа две победи по ред како селектор на Полска, по стартните шест дуели без триумф откако беше назначен за кормилар на националната селекција, за која има одиграно 42 меча.
И најавува дека за следниот дуел со Македонија нема да има позначителни промени во составот што ги победи Австрија и Летонија, за моментно прво место во нашата квалификациска група за пласман на ЕП 2020 година.
Тоа би значело дека во Скопје на 7. јуни нема да има протекција за својот внук Јакуб Блашчиковски и ветеранот од Висла пак ќе биде резерва како на дуелите со Австријците и Летонците.
Брзечек му е вујко на познатиот полски ас Блашчиковски, кој играше за Борусија Дортмунд, Фиорентина и Волфсбург пред да се врати во својата земја и да настапува за полскиот гигант Висла Краков.
Стандардно, во формацијата 4-4-2 што најчесто ја практикува Брзечек, на позицијата десно крило предност пред Блашчиковски добива Камил Гросицки, па се очекува и во Скопје играчот на англискиот Хал да биде стартер пред внукот на селекторот.
Мечот од третото коло во групата Г за пат на ЕП 2020 година ќе се игра на националната арена „Тоше Проески“, на 7. јуни, од 20.45 часот.