До крајот на годинава Милан и официјално треба да објави дека ќе го договори Златан Ибрахимовиќ за преостанатиот дел од сезоната во Серија А. Росонерите веќе некое време преговараа со Ибрахимовиќ, потоа следуваше пауза, а сега сепак повторно се интензивираат разговорите.
Милан му дал на Златан интересна понуда, да потпише на шест месеци, а ако одигра одреден број мечеви, автоматски договорот да му се продолжи за уште една сезона.
Ибрахимовиќ е слободен играч откако му заврши договорот со ЛА галакси. Во Милан играше во периодот од 2010 до 2012 година. Во втората сезона за Росонерите даде 28 гола и беше прв стрелец во лигата. ВО Серија А, Швеѓанецот има играно и за Јувентус и Интер.
Сезонава Милан е очаен и е на 11-тото место на табелата само со 21 бод. Во последното одиграно коло, Росонерите беа понижени на гостувањето кај Аталанта и загубија со 5:0.