Нема голови по првото полувреме: Германците напаѓаат, но Македонија е тврд ривал

Македонската фудбалска репрезентација одолеа во првото полувреме на сите напади на Германија и по првите 45 минути на Арената „Тодор Проески“ е 0:0, во меч од квалификациите за пласман на Светското првенство во Катар.

Германците започнаа жестоко и постојано вршеа притисок во нашата половина. Имаа неколку шанси, но ниедна не беше стоотстотна. Најдобрата можност за погодок Панцерите ја имаа во 25-тата минута, кога Гнабри само од неколку метри шутираше во долниот лев агол, но нашиот голман Столе Димитриевски одлично се постави и одбрани.

Само две минути подоцна и ние за првпат шутнавме во рамките на голот на Мануел Нојер. По еден брз контранапад топката стигна до Елиф Елмас, кој шутираше на прва статива, но Нојер беше сигурен.

Адеми, кој се повреди во 24-тата минута, не можеше да издржи, па во 29-тата минута Адеми мораше да биде заменет. На негово место влезе Стефан Спировски.

Во последните 15 минути од првиот дел, нашите репрезентативци малку се ослободија од постојаниот притисок, но во судиското надополнување имаше драма. По една лоша интервенција на нашите во шеснаесетникот, Тимо Вернер ја погоди стативата и, за наша среќа, остана 0:0.

Сега има уште 45 минути, во кои остануваат надежите дека Македонија може да направи ново чудо против Германија.

- Оглас -

Најнови вести