Нема крај на проблемите на Јувентус: Сега и УЕФА му се заканува со суспензија, а играчите се подготвуваат за заминување

Италијанскиот гигант Јувентус ги проживува едни од најтешите моменти во клупската историја откако Фудбалската федерација му одзеде бодови, против сега веќе поранешното раководство се води судски процес, а дел од играчите најавуваат заминување додека УЕФА планира да и зададе уште еден удар на Старата дама.

Фудбалската федерација на Италија на барање на Арбитражниот суд, го казни Јувентус со одземање 15 бода од актуелната сезона по што Старата дама падна на десеттата позиција на табелата и ги загуби шансите за титулата, а речиси недостижен е и пласманот во Лигата на шампионите.

Згора на тоа, поранешната управа на Јувентус предводена од Андреа Ањели, Павел Недвед и Маурицио Аривабене е исфрлена од фудбалот од осум месеци до 2.5 години.

Јувентус е казнет поради финансиски малверзации, односно фалсификување на финансиските извештаи и лажно пријавување на приходи како и за малверзации со платите на фудбалерите за време на пандемијата на коронавирусот.

Италијанските медиуми пишуваат дека ова нема да биде крај на казните за Јувентус бидејќи се шпекулира дека и УЕФА ќе го казни италијанскиот тим и тоа со тригодишна забрана за настап во сите европски натпреварувања.

Тоа значи, без разлика на резултатите што ќе ги оствари во наредните три години,нема да може да игра во Лигата на шампионите, Лигата на Европа и во Лигата на конференции.

Италијанскиот весник „Либеро“ пак пишува дека дел од фудбалерите одлучиле да си заминат од Јувентус на крајот од сезоната. Први кои планираат да го кренат „сидрото“ се Војчех Шчешни, Вестон Мекени и Адриен Рабио, додека Леонардо Бонучи и Данило побарале итен состанок со новата управа за да им објасни каква е иднината на Јувентус.

Навивачите на Јувентус малку ги развеселија изјавите на тренерот Масимилијано Алегри и напаѓачот Душан Влаховиќ кои порачаа дека ќе останат во Торино без разлика на казните.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести