Натпреварот од ракометната Лига на шампиони кој се игра помеѓу Вардар 1961 и бундеслигашот Фленсбург ќе биде директно пренесуван на МТВ 1 од 20.45 часот, па сите љубители на ракометот во Македонија ќе може да го гледаат без да бараат слика од „Јане Сандански“ по интернет или да слушаат коментар на некој странски јазик.
Тренерот Стевче Алушовски во составот на Вардар пријави тројца голмани, а не може да смета само на Томислав Јагуриновски, кој е во самоизолација бидејќи беше позитивен на ковид-19.
За Вардар 1961 ова е прв меч по едномесечна принудна пауза поради одложување на две средби. Мечот против Фленсбург се игра пред празни трибини во СЦ „Јане Сандански“, па затоа преносот на МТВ дојде во вистински момент.
Вардар против Фленсбург одиграл четири натпревари во ЛШ и сите биле од четвртфинале на ЛШ, последен пат во 2017 година. Билансот е 3-1 за македонскиот тим, но овојпат Германците се фаворити.