Англичаните ставија точка на сите дилеми, ако воопшто ги имаше, и фудбал на Островот повторно ќе има од 17 јуни. Денеска претставниците на сите 20 премиерлигаши едногласно ги прифатија сите предвидени протоколи што ги препорачаа здравствените власти во Англија, што значи дека нема пречки рестартот да почне за една седмица.
Премиерниот меч по пауза подолга од три месеци ќе биде меѓу Астон вила и Шефилд јунајтед, закажан за 17 јуни од 19 часот.
Малку подоцна истиот ден, шампионот Манчестер сити ќе игра против Арсенал во дербито на 28-мото коло од 21.15 часот.
За да се заврши сезоната во најсилната англиска лига, треба да се доиграат уште девет кола, а Ливерпул е на прагот на титула, прва по пауза од 30 години.
Црвените од „Енфилд роуд“ имаат 25 бода предност пред Манчестер сити, но и одиграа еден меч повеќе во однос на актуелниот шампион.
Ливерпул ќе има интересен рестарт со дуел против градскиот ривал Евертон на „Гудисон парк“ на 21 јуни од 20 часот.