Нема подраматичен начин за влез во Европа: Лани играа во втора лига, сега се радуваа на туѓ гол во 99 минута за место во УЕФА

Гранада е тим кој минатата сезона успеа да се врати во Примера дивисион, па според многумина, оваа екипа сезонава требаше да се бори за опстанок. Сепак, не само што не се бореше за опстанок туку Гранада го направи и најголемиот успех во речиси 90-годишната клупска историја.

За првпат Гранада обезбеди место во европските купови. Таа ќе игра во Лигата на шампионите бидејќи на крајот заврши на седмото место на табелата во Примера. Не можеше да биде подраматичен начинот на којшто Гранада се најде во фудбалска Европа.

Тимот од Андалузија мораше да победи во последното коло, но и да чека пораз на Хетафе. Гранада лесно си ја заврши својата задача и со 4:0 го растури Атлетик Билбао. Сепак, драма се случуваше на мечот од кој зависеше позицијата на Гранада.

Хетафе гостуваше кај Леванте, а со победа, мадридскиот тим ќе беше пред Гранада. Хетафе добро започна и даде два гола за 50-тина минути, но двата им беа поништени по прегледување на ВАР-системот. Првиот гол не важеше поради офсајд, а вториот поради прекршок. Во 71-вата минута Хетафе доби и пенал, но и тоа не го претворија во гол.

Гостите имаа судиско продолжување од 10 минути во кои можеа да дадат гол за пласман во Европа, но наместо да се радуваат, тие примија погодок во 99-тата минута и Леванте на крајот славеше со 1:0, а Хетафе остана без пласман во Европа. На погодокот на Леванте најмногу се израдуваа фановите на Гранада, која обезбеди место во Лигата на Европа.

Гранада е четвртиот клуб од Андалузија што ќе игра во Европа. Претходно тоа го правеа Севилја, Бетис и Малага.

- Оглас -

Најнови вести