Полскиот клуб Краковија ќе мора да плати еден милион полски золти (околу 227.000 евра) како казна за наместен меч во сезоната 2003/04. Иако се работи за натпревар одигран пред 17 години, Дисциплинската комисија при Полската фудбалска федерација немаше милост да прости.
По собраните докази за време на истрагата, на крајот е донесена рекордна казна во полскиот фудбал. Покрај паричната казна, Краковија во новата сезона ќе влезе и со минус од 5 бодови. Челниците на Краковија ја прифатија паричната казна од 227.000 евра, но се бунеа зошто им се одземаат пет бодови за следната сезона, посочувајќи го примерот од пред неколку години, кога во сличен случај екипата на Белхатов не доби минус бодови.
Краковија е најстариот фудбалски клуб во Полска и веќе постои 114 години. Во минатото петпати бил првак на Полска, но последен пат тоа се случило во далечната 1948 година. Сезонава Краковија се радуваше на трофеј, и тоа во Купот на Полска.