Нема противкандидат, Инфантино ќе остане претседател на ФИФА

Џани Инфантино ќе служи уште еден мандат како претседател на ФИФА откако не се појави противкандидат за следните избори. Инфантино е единствениот човек кој собра пет неопходни номинации од 211 федерации кои се членки на Светската фудбалска куќа, па се очекува поголемиот дел од членовите да гласаат за четириесет и осумгодишниот адвокат.

Инфантино го наследи Сеп Блатер како прв човек на ФИФА во 2016 година, откако Блатер беше сменет од позицијата поради финансики малверзации. Неговиот нов мандат официјално ќе започне по гласањето во Париз на петти јуни, два дена пред почетокот на Светското првенство за жени кое ќе се одржи во Франција.

Рамон Вега, поранешниот играч на Тотенхем, истакна дека тој ќе биде противкандидат на Инфантино, но тој не доби поддршка од минимум пет федерации за да може да се кандидира.

Под иницијатива на Инфантино одлучено е дека на Мундијалот кој во 2026 година ќе се одржи во САД, Канада и Мексико, ќе учествуваат 48 репрезентации наместо 32, додека притиска експанзијата да се случи веќе на следното Светско првенство, кое треба да се одржи во Катар 2022 година.

 

- Оглас -

Најнови вести