Манчестер јунајтед едноставно ги меле сите противници без разлика каде игра и во кое натпреварување. „Црвените ѓаволи“ вечерва го победија и елиминираа Арсенал во Лондон со 3:1, во меч од 1/16-финалето на ФА Купот. Ова е осма победа по ред на Манчестер и сите се откако на клупата седна Оле Гунар Солскјер.
Најтрофејниот англиски клуб потсетува на своите најдобри денови, а дека и против Арсенал е дојден да победи покажа уште во првото полувреме. Алекси Санчез и Џеси Лингард погодија за водство од 2:0, а Обамејанг пред крајот на првиот дел даде надеж дека „топчиите“ може да се спасат од пораз.
Сепак, во второто полувреме, Манчестер одигра многу смирено и паметно, ги издржа нападите на домаќините, а во 82 минута, Марсијал погоди за 3:1 и крај на сите надежи на Арсенал.
Гигантот од „Олд Трафорд“ е незадржлив, а Солскјер како тренер го прави тоа што не му успеало на ниту еден друг претходно во повеќе од 100-годишната историја на Манчестер јунајтед.