Нема веќе попуштање: УЕФА ќе го избрка Манчестер сити од ЛШ!?

Европската фудбалска федерација (УЕФА) спроведува детална истрага во англискиот првак Манчестер сити под сомнение дека кај „граѓаните“ во изминативе неколку години имало многу финансиски малверзации. Еден од најреномираните весници во Англија, „Гардијан“, открива дека челниците на Сити сами си ги зголемувале износите од спонзорските договори, а со тоа се зголемувале и приходите. На тој начин клубот добива право да потроши повеќе пари за нови играчи.

Сопственикот на Манчестер сити, шеикот Мансур бин Зајед, најверојатно директно, со свои приватни пари, учествувал во покривање на дел од клупските трошоци и тајно, без официјален извештај, додавал финансии на „граѓаните“.

Поради овие малверзации, Сити може да добие забрана од УЕФА за учество во Лигата на шампионите за следната сезона. Дека работата е сериозна, потврди и првиот човек на УЕФА, Александер Чеферин.

„Ја проценуваме ситуацијата. Имаме независна комисија која се занимава со тој проблем. Многу брзо ќе ги имаме резултатите од истрагата“, изјави Чеферин.

Како еден од конкретните примени за финансиски нерегуларности е тоа што се случило во 2015 година. Манчестер сити требало да добие околу 60 милиони фунти од главниот спонзор „Етихад“. Сепак, оваа компанија уплатила само осум милиони фунти, додека останатата сума стигнала директно од „Абу Даби јунајтед груп“, која е во сопственост на  шеикот Мансур бин Зајед.

 

- Оглас -

Најнови вести