27.8 C
Skopje
среда, 16 јули 2025

Немаа предавање, Кратовци и Работнички веруваат во чуда

Работнички и Силекс утре во Скопје ќе водат тешки битки за избегнување на елиминација од првото квалификациско коло во Конференциската лига, но и покрај лошите резултати на првите мечеви на гости, веруваат дека може да ја надоместат негативата.

Работнички од 18 часот на Арената „Тодор Проески“ го дочекува Торпедо Белаз од Белорусија, од кого на првиот меч беше поразен со 0-3.

Тренерот Бојан Маркоски е оптимист:

„Нѐ очекува реванш против Торпедо-Белаз, сега имаме комплетна слика за ривалот, а се надеваме дека ние ќе одиграме многу подобро отколку на првиот меч. Нема да размислуваме за резултатот, не заслуживме таков пораз, ќе се фокусираме на играта и ќе се трудиме да бидеме многу поконкретни. Верувам дека тимот ќе биде на потребното ниво и апсолутно не се предаваме, има уште 90 минути во кои Работнички има што да покаже, со мотив да ја анулираме негативата. Треба да бидеме паметни и мудри. Топлото време може да биде и предност за нас“ рече Маркоски.

Силекс од 19 часот на теренот на ФФМ во Скопје ќе го дочека црногорскиот Дечиќ во реванш-средбата, а на првиот меч во Тузи беше 2-0 за Дечиќ. Во Кратово најавуваат навивачка инвазија на Скопје и голема поддршка за тимот на тренерот Александар Васоски.

Свесни сме дека имаме негативен резултат од првиот меч. Сепак, сметам дека сме кадарни да пробаме да го елиминираме Дечиќ. Имаме квалитетна екипа, сме знаеле минатата сезона во ПМФЛ да постигнуваме и по 3-4 гола, зошто да не биде така и оваа утрешна средба. Ако влеземе со добар фокус, имаме реални шанси да го елиминираме тимот од Црна Гора. Имаме уште 90 минути, нема да брзаме, сакаме стратешки да одиграме. Се надевам дека планот што ни е направен ќе се спроведе, но во фудбалот скоро никогаш еден плус еден не е два“, изјави Васоски.

- Оглас -

Најнови вести