Манчестер сити синоќа со голем пресврт во второто полувреме стигна до победа од 3-2 на гостувањето кај Шалке во Гелзенкирхен. Со оваа победа „граѓаните“ речиси сигурно си обезбедија место во четврт-финалето од Лигата на шампионите.
Иако навивачите на Сити имаа многу причини за радост по победата во Германија, еден навивач на гостите немаше многу среќа. Според англиските медиуми, еден симпатизен на Манчестер сити се наоѓа во критична состојба и се бори за живот во болница во Германија. Засега не е познат ниту напаѓачот, ниту причината за нападот.
„Манчестер сити е свесен за наводниот напад кој синоќа се случил во Гелзенкирхен. Клубот соработува со полицијата од Манчестер и со полицијата во Германија за да може да се дознаат повеќе информации. Членови од клубот останаа во Германија за да може да дадат помош на семејството на повредениот навивач, кој моментно е во критична состојба“, се вели во соопштението на англискиот тим.
Дека на стадионот во Гелзенкирхен немаше само лоши ситуации туку и интересни и забавни моменти потврди еден навивач на Шалке, кој успеа на главата да носи чаша со пиво и воопшто да не ја истури. Мечот меѓу Шалке и Манчестер сити го следеа и навивачи на скопски Вардар, кои се збратимени со фановите на Шалке.