Македонскиот репрезентативец Ненад Димитријевиќ продолжува да импресионира на европската сцена, одигрувајќи клучна улога во новата победа на Баерн Минхен над Олимпија Милано (94-84) на гостински терен во Евролига.
Плејмејкерот, кој во минатото го носеше дресот на миланскиот тим, овојпат блесна токму против поранешниот клуб, каде не доби вистинска шанса под водство на Еторе Месина. Со одличен настап и индекс од 21, Димитријевиќ беше најкорисниот играч на натпреварот.
Македонецот мечот го заврши со 15 поени, надополнети со четири скока и четири асистенции, потврдувајќи ја својата лидерска улога во тимот. Најефикасен кај Баерн беше Андреас Обст со 19 поени, додека кај Олимпија Милано се истакнаа Шавон Шилдс со 14 и Брендон Брукс со 13 поени.
По оваа победа, Баерн има скор од 17-20 во Евролигата, а во следното коло го очекува тешко гостување кај Барселона.
Реал Мадрид одигра зрело и сигурно во дербито на 37-то коло, совладувајќи го Фенербахче на гостински терен со 69-74, официјално обезбедувајќи место во плеј-офот.
Најзаслужен за триумфот беше Факундо Кампацо со 15 поени, додека кај Фенербахче се истакна Брендон Бостон, кој беше најефикасен на мечот. Со оваа победа, Реал стигна до 23-ти триумф сезонава и го задржа третото место, додека Фенербахче е веднаш зад него со идентичен скор.
Во другите натпревари, Панатинаикос доживеа тежок пораз на гостувањето кај Валенсија (102-84), со што си ја искомпликува борбата за директен пласман во плеј-офот. Домаќините доминираа во сите четвртини, а најрасположен беше Жан Монтеро со 22 поени.
Лидерот Олимпијакос славеше на гостувањето кај Хапоел Тел Авив со 85-89 и го задржа врвот на табелата пред последното коло.
Најубедлив настап имаше Париз, кој го декласира Макаби Тел Авив со 113-80. Робисон со 25 и Ерера со 16 поени беа предводници на францускиот тим, додека кај гостите Вокер постигна 16 поени.

