Македонскиот кошаркарски репрезентативец Ненад Димитријевиќ сезонава игра фантастично, а нов доказ за тоа е денешниот дерби-натпревар во руската ВТБ-лига против ЦСКА Москва, која ја предводи Емил Рајковиќ.
Уникс Казан на гости со 84:78 ја совлада ЦСКА Москва, а Димитријевиќ беше неверојатен, постигна дури 38 поени.
Нено фантастично ја одигра последната четвртина, во која неговиот тим направи пресврт постигнувајќи дури 21 поен од вкупно 28 поени, колку што даде Уникс.
Македонскиот репрезентативец ги погоди сите осум шута за два поени, погоди четири од петте шута за тројка, а од линијата за слободни фрлања шутираше 10/11, а згора на тоа имаше и пет асистенции и три скока.