Ненад Димитријевиќ вечерва со Хувентуд стартува во новата авантура во Еврокупот, а во мечот од првото коло ќе се сретне со белградскиот гигант Партизан. Македонскиот плејмејкер ќе игра против тимот за којшто навива уште од мал, љубовта кон Црно-белите му се родила бидејќи во неговото семејство сите се „гробари“.
Во интервју за „Sportklub“, Димитијевиќ истакна дека се навикна да игра пред празни трибини, но ќе биде добро што вечерва ќе има ограничен број гледачи, па и атмосферата ќе добие на тежина покрај тоа што силите ќе ги одмерат екипи кои во минатото биле предводени од Жељко Обрадовиќ, најтрофејниот кошаркарски стратег во Европа.
„За Партизан играше еден од моите омилени играчи, Бо Мекејлеб, кој своевремено ги бранеше боите на мојата репрезентација. Учев од него гледајќи го, бев во „Арена“ во 2010 година, кога Партизан го совлада Макаби за пласман на Ф4 турнирот во Евролигата. Сепак, Милош Теодосиќ го издвојувам како идол, кошаркар кој цела своја кариера се обидувам да го копирам“, истакна Димитријевиќ и додаде:
„Мило ми е што се враќаме со натпреварувањето на Еврокупот, а исто така ми е драго што првиот меч го играме против Партизан. Имаат нов тренер и неколку нови играчи, не загубија на квалитет и мислам дека повторно се меѓу фаворитите во Еврокупот. Секако, овој меч ќе биде голем тест за нас“, заврши Димитријевиќ.
Дуелот Хувентуд – Партизан е закажан во 20:45 часот.