Необична завршница имаше во првите натпревари во 1/16-финалето во Лигата на Европа и беа досудени дури 7 пенали на 7 натпревари што се играа од 21 часот.
Или во просек по еден удар од белата точка пресудуваа судиите на 7 натпревари на различни стадиони. Најмногу работа имаше бугарскиот судија Кабаков, кој дури трипати покажа на белата точка на дуелот меѓу Антверпен и Глазгов ренџерс во Белгија.
Шкотите победија со 4:3 во меч со многу пресврти, а Хрватот Борна Баришиќ беше ладнокрвен и ги погоди двата пенали за Глазгов ренџерс. Еднаш беше прецизен и Лиор Рефаелов, а интересно е што мечот заврши последен од сите 7 дуели поради надополнето време, при проверка на пеналите со помош на ВАР-системот.
Со гол од пенал и Душан Тадиќ најави пресврт на Ајакс против Лил, а српскиот репрезентативец погоди во 87-мата минута за израмнување на 1:1 против францускиот тим. Веднаш потоа Копјаниците и го реализираа пресвртот со голот на Бробеј во 89-тата минута.
Мунас Дабур со промашувањето од белата точка во 63-тата минута пропушти шанса за хет-трик, но и за победа на Хофенхајм против Молде.
Германците водеа со 3:1 кога Дабур пропушти со трет гола да ја зголеми предноста на гостите во Норвешка и потоа стигна казната.
Молде постигна два гола и израмни на 3:3, па сега одлуката ќе падне во реваншот во Германија за една седмица.
Пенал утна и Пако Алкасер, за среќа на Вилјареал, без големи последици бидејќи Жолтата подморница сепак славеше убедливо со 2:0 против Салцбург на гостински терен.
Седмиот пенал на дуелите од 21 часот вечерва беше на дуелот меѓу Бенфика и Арсенал на неутрален терен во Рим. На „Олимпико“ прецизен во 55-тата минута беше Пици, за предност на Бенфика од 1:0, но Топчиите брзо израмнија на 1:1 со голот на Сака во 57-мата минута за конечен резултат.