ПСЖ и Реал Мадрид ќе се соочат вечерва во второто полуфинале од Светското клупско првенство. Натпреварот започнува во 21 часот, на стадионот „МетЛајф“ во Ист Ратерфорд, а победникот од овој дуел ќе игра во големото финале против Челзи, кој го елиминираше Флуминенсе.
Кралевите имаа тешко патување до Њујорк, нивниот авион полета од Мајами со едночасовно доцнење поради бура. И во Њујорк ги дочекаа лоши временски услови, а поради метеж на пистата, авионот кружеше над воздушниот простор на Вирџинија уште еден час. Како резултат на тоа, слетаа на аеродромот во Њуарк, а Реал Мадрид ја откажа прес-конференцијата на тренерот Чаби Алонсо пред натпреварот со ПСЖ.
Францускиот шампион пристигна порано во Њујорк и вчера одржа тренинг во кампусот на Универзитетот „Ратгерс“.
И двете екипи ќе настапат без дел од своите фудбалери. ПСЖ ќе биде без суспендираните дефанзивци Пачо и Лукас Ернандес, кои заработија директни црвени картони во последните десет минути од драматичниот четвртфинален меч со Баерн Минхен. Реал Мадрид ќе биде без стоперот Дин Хујсен, кој доби црвен картон против Борусија Дортмунд по направена пенал-ситуација. Тој е суспендиран само за еден натпревар и ќе може да се врати во случај Кралевите да стигнат до финалето.
Во групната фаза, ПСЖ и Реал не можеа да сметаат на своите ѕвезди Осман Дембеле и Килијан Мбапе, но двајцата сега се целосно закрепнати и веќе постигнаа голови во четвртфиналето. Сепак, не е сигурно дали ќе почнат како стартери поради добрите игри на нивните соиграчи.