Челниците на Њукасл одлучија да не се расфрлаат со пари во летниот преоден рок кој започнува на 1. јули, иако нивен сопственик е саудискиот инвестициски фонд кој е под директна контрола на престолонаследникот Мохамед бин Салман.
Во првите два преодни рока под палката на новите сопственици, Њукасл потроши 250 милиони фунти за засилувања и екипата успеа да заврши меѓу првите четири екипи во Премиер лигата и следната сезона ќе игра во Лигата на шампионите.
Сопствениците на најбогатиот клуб во Премиер лигата, на менаџерот Еди Хау му порачаа дека во летниот преоден рок ќе има буџет од само 75 милиони фунти за купување на нови играчи. Овој буџет сигурно е најмал од сите премиерлигаши кои налето ќе се обидат да ги засилат своите состави. Сумата може да се зголеми само доколку биде продаден некој фудбалер од актуелниот состав.
Причина за малиот буџет е да се избегнат евентуелните проблеми со финансискиот фер-плеј.
Поради малиот буџет, повеќе од извесно е дека на „Сент Џејмс парк“, нема да пристигнат играчи како Каиседо од Брајтон, Скот Мектомини од Манчестер јунајед, Кевин Галагер од Челси, Клинт Медисон од Лестер како и Ким Мин-јае од Наполи.