Со натпреварот помеѓу Струга Трим Лум и Победа, денеска во 17.30 часот почнува 31-вата сезона во Првата македонска фудбалска лига. Прилепчани се враќаат во елитата каде што им е местото според клупското реноме, а стружани со ангажманот на Бесарт Ибраими, покажаа дека имаат сериозни амбиции за висок пласман.
Оваа сезона ќе биде необична, бидејќи во елитата ќе има 11 клубови (Ренова се откажа), па во секое коло ќе има по еден слободен тим, во првата рунда тоа ќе биде Македонија Ѓорче Петров. Само 11-тиот директно ќе испадне од лига.
Утре се играат мечевите Академија Пандев – Брегалница и Силекс – Работнички, а поради обврски во европските купови, средбите на Шкупи и Шкендија со Скопје односно Тиквеш ќе се играат во друг термин.
Интересно е што во 11-те прволигаши нема странски тренери, а неколкуте повратници од странство треба да придонесат за зголемување на квалитетот на лигата во која повторно фаворит за титула е Шкупи, а на листата веднаш зад чаирчани е Шкендија.