НЕПОБЕДЛИВИ – Севилја има махери за пехари, го победи Интер за рекордна шеста круна во Лигата на Европа (Видео)

Севилја има махери за пехари во Лигата на Европа и победи и во шестото финале во ова натпреварување, вечерва против Интер со 3:2.

Во исклучително возбудливо финале во Келн, едно од најдобрите во историјата на второто по ранг европско клупско натпреварување, шпанскиот тим успеа да направи пресврт и од негатива од 0:1 да победи со 3:2 и да се зацврсти на врвот на вечната листа со екипи кои освоиле најмногу трофеи во Лигата на Европа.

Потегот на мечот во изведба на стоперот Диего Карлос во 74. минута, кога упати прекрасен удар со ножички кон голот на Хандановиќ, беше решавачки, со асистенција на Ромелу Лукаку.

Напаѓачот на Интер се најде на погрешно место и го смени патот на топката, си ја смести во својата мрежа за пораз во финалето.

Претходно токму Лукаку беше стрелец на првиот гол на мечот во петтата минута од пенал, а Карлос беше виновник за прекршокот.

Лук Де Јонг со два гола во 12. и во 33. минута потврди дека е вистинска амајлија на Севилја, откако и во полуфиналето со Манчестер јунајтед го даде победничкиот гол.

Диего Годин израмни на 2:2 во 36. минута во едно од најдобрите полувремиња во историјата на европските финалиња.

Севилја сега има шест од шест победи во финалните мечеви во Лигата на Европа и ја дуплираше предноста пред квартетот екипи во кои се Интер, Јувентус, Ливерпул и Атлетико Мадрид со по три пехари.

- Оглас -

Најнови вести