Нешто е труло, но тоа сигурно не е во државата Данска: Македонскиот фудбал мора да го активира алармот!

Данска ја разбуди фудбалска Македонија од нереалниот сон кој го живееше изминатиот период дека можеме да играме на завршница на Светско првенство. Потајно сите се надевавме дека можеме, дека имаме шанса, дека фудбалот е тркалезен и дека чуда се случуваат, но сепак Данска со вчерашниот меч само уште еднаш ја врати македонската јавност во реалноста, а таа е дека сепак сме далеку од најдобрите.

Поразот од Данска е само продолжување на тоа што се случува во изминативе неколку месеци, а тоа се мечеви без победа за Македонија. Во октомври минатата година одигравме 0:0 на гости кај Белгија и тоа даде надеж дека можеме да им парираме на најдобрите. Сепак, потоа следуваше ремито 1:1 со Казахстан во Скопје, па дуелот без голови во контролниот меч со Летонија и 2025 година ја завршивме со дебаклот во Кардиф и поразот од 7:1.

Сега, новата 2026 година ја почнуваме со нов висок пораз од 4:0, па Македонија во последните пет меча има биланс од три ремија и два порази и гол-разлика само од два дадени и дури 12 примени гола.

ЧЕТИРИ ГОДИНИ САМО „СЕ ЛАЖЕМЕ“ СО ПОБЕДИ НАД ПОСЛАБОРАНГИРАНИ ОД МАКЕДОНИЈА

По вчерашниот пораз од Данска, веројатно треба да сфатиме дека култната песна на Рибља Чорба од пред 30 години „Нешто е труло во државата Данска“ всушност се однесува за македонскиот фудбал.

Последната победа над подоброрангирана селекција на ФИФА-листата од нас е таа од пред четири години во Палермо над Италија. Во последните четири години наместо да напредуваме, ние „се лажеме“ со победи над селекции како што се Ерменија, Летонија, Фарски Острови, Лихтенштајн, Малта, Казахстан… сите послабо рангирани од Македонија на ФИФА-листата. За сите победи на Македонија во последните четири години, прочитајте ТУКА.

И не е само сениорската селекција во криза.

НИТУ ИДНИНАТА НЕ ПОКАЖУВА ДЕКА ИМАМЕ „СВЕТЛО ОД ТУНЕЛОТ“

Младата репрезентација за играчи до 21 година вчера исто така загуби со 4:0, и тоа на гости од Италија. Во квалификациите за пласман на ЕП, младите надежи од кои треба да бараме следни кандидати за А селекцијата имаат биланс од шест порази и само една победа над Ерменија со гол-разлика (5:17). Таа победа над Ерменија е единствена за У21 селекцијата во последните 14 меча што ги одигра, што само е доказ дека идината не ни е баш најсјајна.

Пред два дена на мегдан беа уште две македонски фудбалски селекции. Националниот тим до 19 години одигра 0:0 против Фарски Острови, додека У17 селекцијата, која е дел од елитнити квалификации, одигра добар меч против фаворизираната Германија, но, за жал, загуби со 2:1.

Ако се погледнат резутлатите на четирите фудбалски репрезентации на Македонија одиграни во средата и четвртокот, билансот е три порази и едно реми со Ф. Острови и гол-разлика од еден даден гол и дури 10 примени.

Сите овие факти се само еден доказ дека фудбалскиот аларм во Македонија мора да биде активиран, барем ако сакаме конечно да имаме некаква реална шанса, а не само нереални соништа дека можеме да бидеме дел од завршница на некое големо натпреварување.

 

- Оглас -

Најнови вести