Македонската фудбалска репрезентација против Финска денеска ќе се обиде да ја прекине низата од три порази. Селекторот Благоја Милевски е оптимист дека неговите избраници ќе одиграат добро и дека конечно ќе проработи реализацијата во нападот.
Според најавите, стартниот тим на Македонија ќе биде во формација 3-5-2, и тоа со Димитриевски на голот, а Муслиу, Бејтулаи и Серафимов во централната дефанзивна линија.
Стандардно, капитенот Стефан Ристовски ќе биде по десната страна, а Езџан Алиоски е на левата позиција. Во средниот ред, креативноста на играта треба да ја создаваат Барди, Николов и Спировски, додека во нападот најистурени ќе бидат двајцата македонски интернационалци од Серија А, Елиф Елмас и Илија Несторовски.
Токму Елмас и Несторовски играа меѓу себе во последното коло во Серија А и двајцата македонски репрезентативци постигнаа по еден гол. Елмас погоди за Наполи, а Нестор даде гол за Удинезе. На крајот Наполи се радуваше на триумф од 3:2.
Македонија во последните три меча губеше, и тоа без да даде гол во дуелите со Саудиска Арабија 1:0, Бугарија 1:0 и Грузија 2:0. Последен пат противничката мрежа ја затресовме на средбата против Гибралтар во победата од 4:0. Оттогаш поминаа 330 минути како македонската репрезентација се нема израдувано на погодок.