Илија Несторовски се израдува на првиот гол во Серија А во дресот на Удинезе, но тој погодок беше премалку за гостите да се спасат од пораз кај Сампдорија (2:1). Несторовски одлично се снајде во 29-тата минута. Прифати една топка на 30-тина метри од противничкиот гол, успеа одлично да се снајде покрај двајца противнички играчи, а потоа од работ на шеснаесетникот ја пласира во мрежата на домашниот голман.
Несторовски погоди и во втората минута од мечот против Сампдорија, но тој гол беше поништен откако ВАР-системот покажа дека еден негов соиграч играше со рака непосредно пред да биде даден погодокот. Откако ја затресе мрежата во 29-тата минута, Несторовски покажуваше во стилот дека судијата повторно треба да провери преку ВАР-системот дали погодокот е регуларен.
За жал на Несторовски, неговиот тим до крајот на мечот прими два гола и загуби. Ова е вкупно 12-ти погодок на Илија во Серија А. Претходно, во сезоната 2016/17 имаше 11 погодоци во дресот на Палермо.