Македонскиот напаѓач Илија Несторовски, во интервју за хрватски „Индекс“, рече дека тоа што во последно време не е дел од репрезентацијата на Македонија, не значи дека се откажал, туку не го повикуваат поради блискоста со Горан Пандев и екс селекторот Игор Ангеловски.
„Не играв затоа што така одлучи селекторот, не ме повика затоа што имам добри односи со Пандев и со поранешниот селектор Ангеловски. Нема врска со новиот клуб, па лани бев повикан и кога потпишав за Асколи. Не бев поканет затоа што наводно не се вклопувам во тактичките замисли на селекторот, но нема врска. Можеби некои немаат храброст за конфронтација“, вели Несторовск кој игра за Славен Белупо.
„Не сум во репрезентацијата, но не се откажувам од неа, секогаш ќе се надевам на повик. Има играчи од Хајдук, Вараждин, па и послаби лиги, не е до хрватската лига, селекторот мисли дека има подобри од мене, на мене е пак да се докажам. Јас сум на располагање и се надевам дека вака нема да ја завршам кариерата во репрезентацијата“, додаде Несторовски.
Прилепчанецот даде интересна изјава и околу тоа дали жали што не загра во Лигата на шампионите.
„Не, секоја недела играв Лигата на шампионите во Италија. Милан, Наполи, Фиорентина, Аталанта, Лацио, Рома, постојано играв против екипи кои играа во Лигата на шампионите. Не се каам за ништо. Играв на 17 години со Победа, се пласирав во Лигата на шампионите и уште четири меча во Лигата на Европа со Металург“, вели Несторовски.