Шпанскиот лев бек Хозе Мануел Калдерон доживеа еден од најкратките престои во историјата на фудбалот! Тој помина само неколку часа во дресот на својот нов клуб Гимнастик.
Клубот ја објави веста за неговото доаѓање на социјалните мрежи, но радоста меѓу навивачите не траеше долго. Неполни четири часа подоцна, клубот му го раскина договорот на Калдерон, откак социјалните медиуми беа преплавени со повици тој веднаш да го напушти клубот.
Причина за тоа беше старо видео од сезоната 2023/24, кога како фудбалер на Кордоба ја прослави победата над Б-тимот на Барселона. За време на патувањето со автобус, беа скандирани навредливи пораки против Каталонците, вклучувајќи ја и реченицата: „Проклети да се сите Каталонци“.
Тој момент беше доволен локалната јавност да го прогласи за непријател на Каталонија, па раководството на Гимнастик веднаш ја прекина соработката.
„Нашиот клуб го претставува градот и навивачите кои се горди на својата историја, идентитет и вредности. Очекуваме почит, заедништво и општествена одговорност од секој играч. Жал ни е за непријатната ситуација и им се извинуваме на сите членови на клубот, акционери и навивачи“, соопштија од клубот.