Репрезентацијата на Франција е меѓу најдобрите четири фудбалски нации во Европа на турнирот кој се игра во Германија. Франција синоќа на пенали ја елиминираше Португалија, откако во 120 минути игра немаше голови. На пенали, Галските петли беа подобри со 5:3.
И пред почетокот на ЕП, Франција беше меѓу фаворитите за висок пласман, па нивното учество во полуфиналето не е изненадување. Сепак, изненадување е начинот на кој Франција стигна до оваа фаза.
Во петте меча кои досега ги одигра, Франција не постигна ниту еден гол од игра, а во текот на целиот турнир на пет меча имаат само три погодоци на кои се радуваа. Два беа автоголови и еден погодок од пенал. Дефанзивецот на Австрија, Вебер си даде автогол и Франција победи со 1:0. Потоа Франција одигра 0:0 против Холандија, а со Полска беше 1:1, а Мбапе даде гол од пенал. Во осминафиналето Јан Вертонген си даде автогол за Белгија и Франција се радуваше, а синоќа немаше голови, па Франција победи на пенали.
Во полуфиналето Франција ќе игра против Шпанија, која досега покажа најубава игра, па ќе биде интересно да се види дали Галските петли ќе продолжат со калкулациите или ќе мора да се отворат и да играат многу поофанзивно.