Во тенисот никогаш однапред не треба да се слави победа и мечот не е готов додека не се освои последниот меч-поен. Оваа лекција на потешкиот начин ја научи Французинката Кристина Младеновиќ. Популарната Кики вечерва во второто коло на Отвореното првенство на САД во Њујорк загуби речиси добиен меч, испушти и три меч-топки и беше жртва на еден од најголемите пресврти во историјата на тенисот.
Младеновиќ против Русинката Варвара Грачева го доби првиот сет со 6-1, а во вториот водеше со 5-1. Грачева намали на 2-5, а потоа Младеновиќ поведе со 40-0 и имаше три меч-топки. Не ги искористи, го загуби гејмот и тоа за неа беше тежок психолошки удар од кој не успеа да се врати.
Грачева го освои вториот сет со 7-6, а во последниот Младеновиќ беше целосно загубена и депримирана, па Русинката третиот сет го доби со чисти 6-0, доби 11 од последните 12 гејма на средбата, па се пласираше во третото коло во кое ќе игра со Петра Мартиќ.